Резиме на тренерот
Валентино Скендеровски

Валентино Скендеровски важи за еден од најплодните македонски музичари, композитори и музички продуценти. Својата кариера ја започнува во 1980 година и во периодот до 1986 настапува со сите позначајни македонски групи како што се Берза, Меморија, Кикс, Рок Систем, Уликс, Анастасиа, Леб и Сол и други.

Во 1987 започнува да работи во Македонската Радио Телевизија како студиски пијанист, при што работел на различни проекти од типот на Макфест, Интерфест, Скопје фест, Гоце фест итн.

Во 1988 настапува со групата Леб и Сол со која што одржува преку 40 концерти низ цела поранешна Југославија. Истата година го снима и продуцира албумот на Игор Јорданов во студиото Ватрослав Лисински во Загреб. Започнува да работи како аранжер, програмер, музички продуцент и клавијатурист на бројни пејачи и музички групи.

Во 1989 во Германија добива награда за најдобра театарска музика за претставата “Крвава свадба” на театарот Пралипе. Ја компонира музиката за ТВ серијата “Трст Виа Скопје”.

Во 1990 е награден како најдобар музички продуцент за албумот “Оган под ѕвездите” на групата Меморија, снимен во студиото М2 на Македонската Телевизија.

Од 1991 е и официјално вработен во Македонската радио Телевизија како музички продуцент и инженер на звук во студиото М2. Во годините што следат во повеќе наврати е добитник на наградата најдобар музички продуцент и најдобар аранжер на манифестациите “12 величествени”, магазинот Екран, Макфест, Интерфест за песни и албуми на Меморија, Ареа, Зијан, Легенда, Дарио, Владо Јаневски, Џина Папас Џокси, Дуле и Коки, Олгица Христовска и многу други изведувачи.

Во 1994 година, како дел од групата Анастасија, работи на музиката на филмот “Пред дождот” од Милчо Манчевски. Во 2012 година е ангажиран како музички продуцент, инженер на звук и аранжер на албумот “Бурубреал“, на популарниот австриски композитор и изведувач Нино Мандл. Подоцна, во текот на истата година заминува во Виена-Австрија, за да го продуцира и микса неговиот промотивен концерт, кој беше пренесуван на националните австриски телевизии.

Во 2013 година, албумот “Бурбуреал“ е номиниран за албум на годината, и ја добива наградата за најуспешно испродуциран алтернативен албум во 2012г.

Во 2012 година е ангажиран како дизајнер и инженер на звук, за претставата “Архелаос“ или “Еврипид се враќа на Балканот“, во режија на Владо Цветановски, а на текст на Јордан Плевнеш. Оваа претстава забележува огромен успех во земјава и во странство.

Во 2012 година работи како продуцент и тон мајстор на албумот “Балкан Вулкан“, на македонскиот перкусионист Зоран Маџиров. Овој албум е издаден за германската издавачка куќа, Гема рекордс.

Во 2013 година работи на реставрацијата и мастерингот на целосниот опус на македонскиот изведувач на народни мелодии Никола Бадев. Во текот на својата кариера како продуцент. Инженер на звук, тон мајстор и аранжер, Валентино Скендеровски има учествувано во повеќе од 3000 изданија за македонскиот и светскиот пазар. Дел од творештвото на Валентино Скендеровски може да се погледне на следниов линк:

Во 1995 година го основа студиото Ентерпрајз, во кое се уште работи како композитор, аранжер инженер на звук и музички продуцент.

Во 2002 го формира приватното рок училиште Ентерпрајз и од самото основање музичкото училиште Ентерпрајз, работи со деца и младинци, обрнувајќи многу големо внимание кон младите таленти и нивниот развој во полето на музиката. Како сопственик на ова училиште, врши увид во наставата, учествува во редовното креирање и подобрување на наставната програма, а  неговите часови по музичка продукција се секогаш посетени и интересни за младите музичари.

Од 2007 е стручен соработник и предавач на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА на катедрата по Звучен инженеринг. Во 2011 година е назначен за Доцент и ја презема функцијата на Декан на факултетот за тонска продукција, при универзитетот за аудиовизуелни уметности, Европска Филмска Академија, ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје. Оваа функција ја извршува во наредните 4 години, до истекувањето на мандатот.

Во 2016 година, врз основа на приложена документација како и преку личниот увид во досегашната плодна дејност како музички продуцент, инженер на звук, аранжер, музичар и композитор, рецензентската комисија на Наставно-научниот уметнички совет на Факултетот за тонска продукција при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, го избира м-р Валентино Скендеровски во звање Вонреден професор по програмата од областа на Звучниот инженеринг и Музичката Продукција, која ги опфаќа следниве предмети:

  • Дигитално снимање и обработка на звук 1
  • Дигитално снимање и обработка на звук 2
  • Дигитално снимање и обработка на звук 3
  • Дигитално снимање и обработка на звук 4
  • Музичка продукција и постпродукција 1
  • Музичка продукција и постпродукција 2
  • Вовед во тонската продукција 1
  • Вовед во тонската продукција 2
  • Компјутерски софтвер и хардвер за тонско снимање 1
  • Компјутерски софтвер и хардвер за тонско снимање 2
  • Дигитални тонски работни станици 1
  • Дигитални тонски работни станици 2

Во истата година, е ангажиран како предавач по звучен инженеринг, каде што предава 7 предмети на филмската академија – класа аудио инженерство, при универзитетот Гоце Делчев од Штип.

Во 2019 Валентино Скендеровски врз основа на долгогодишното искуство на користење и предавање, ја стекнува титулата „Прв сертифициран тренер за софтверски и хардверски производи на престижниот производител Steinberg  за територијата на Северна Македонија, Албанија и Косово, и се стекнува со правото за организирање на официјални обуки.  

Истата година,  музичкото училиште Ентерпрајз ја добива титулата единствен сертифициран центар за обука за производите на  Steinberg за територијата на Северна Македонија.

https://www.steinberg.net/en/education/certified_training/north_macedonia.html

Во септември 2019 започнуваат да се одржуваат првите официјални Steinberg обуки во Македонија, и тоа: Основна обука за Cubase  под водство на Валентино Скендеровски, организирана за 5 групи со по 6 учесници од различна старосна структура. По завршувањето на обуката сите учесници добија право да полагаат на системот за сертификација на Steinberg. 27 од нив успешно го положија тестот, што е уште еден доказ за квалитетот на предавањата. 

Првото официјално доделување на сертификатите се одржа на 7 март 2020 година.

Следните  обуки кои ќе опфаќаат почетно и напредно ниво на курсот за Steinberg Cubase се планирани за периодот февруари- јуни 2023 година.

Во соработка со Steinberg, сертифицираниот тренер Скендеровски подготвува најсовремена методологија за изведување и на онлајн настава.